Континуирано сум запознаен и ја следам следам состојбата, членови од мојот кабинет разговараат и со родителите на трагично починатите, но на тие кои се повредени и планирам лично да се сретнам и да поразговараме, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип најавувајќи ја средбата со родителите на загинатите и повредените од кочанската трагедија.
На дневна основа се соочуваме и решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани, тука да немате дилеми. Конкретно ќе кажам примерот за тие кои се враќаа од Анкара и кои имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул, лично разговарав со еден од родителите, со луѓето од најблиска околина, лично со претседателот на Турција, Ердоган се среди таа работа. Организиравме транспорт од аеродром до болницата „8 Септември“, така ќе биде и во периодот кој следи.
Премиерот истакна дека оваа работа ќе трае со години и не е работа која завршува.
-Јас се што можам ќе сторам и ќе разговарам лично со родителите и на повредените и на тие што трагично ги загубија своите најмили. Цела Македонија се уште болува и ова нема да биде болка која што ќе престане, но мораме да се соочиме со тоа и да ги решаваме работите, не можат тие сами од себе да се решат. Свесен сум дека ќе има и такви политички структури кои на лешинарски начин ќе се обидат на трагедијата на овие луѓе да соберат политички поени, но и тоа е дел од нашиот живот. Важно е ние да сме трпеливи и да ги решаваме проблемите, па понатаму граѓаните се тие кои судат и носат одлуки – изјави Мицкоски.