Здравков за „ПОГЛЕД“: Следуваат големи проекти за Истокот, инвестиции што ќе го променат регионот
ПОГЛЕД: Г. Здравков, веќе речиси четири месеци сте директор на Центарот за развој на Источно планскиот регион.
Во каква позиција го затекнавте овој центар, кои се главните потенцијали и предности на Источниот регион, и како тие можат да се искористат за одржлив развој?
-Регионот има потенцијал за развој на туризам, креирање на заедничка туристичка понуда, странски и домашни туристи. Ова година Центарот за развој на Источен плански регион ќе работи на креирање на промотивни туристички тури за целиот регион со посебен акцент на нивна поширока промоција со цел привлекување на поголем број на посетители. Источниот плански регион има потенцијали за развој на: рурален, планински, трекинг, планинарење, зимски, културен, манастирски и верски туризам, манифестациски, бањски, велнес и спа, активен, геотуризам, езерски, ловен, риболовен, гастрономски, и други форми на туризам а голем потенцијал се и двете прогласени заштитени подрачја за кои се очекува подршка во унапредување на нивното одржување и одржливо управување.
Источниот регион располага со богат фонд на автентични, културни, природни и традиционални ресурси и производи за поголем развој на активниот туризам.
Во изминатиот период регионот успеа да го привлече вниманието на домашните и странските туристи и да ги презентира чистата и здрава околина, планини, цркви и манастири, археолошки локалитети но и локалните манифестации, здравата и традиционална храна и гостопримството на жителите од регионот. Во моментот работиме на испитување на можностите и одржливи насоки за развој и на зимки, ски туризам на Осоговските планини.
Исто така регионот има и голем потенцијал за развој на земјоделско производство.
Потенцијалот за производство на житни култури, ориз, градинарски, овошје и сточарство е огромен.
По ова прашање не можам, а да не го споменам Универзитетот “Гоце Делчев” и огромниот потенцијал што го генерира во регионот. Универзитетот преку своите идеали на кои е основан и факултетите кои што функционираат во негови рамки придонесува за развој на Источниот регион обезбедувајќи квалитетно образование.
ПОГЛЕД: Што всушност претставуваат планските региони, која е нивната улога во развојот на локалните заедници, и дали граѓаните доволно се информирани за нивната работа?
Планските региони имаат утврдена улога согласно Законот за рамномерен регионален развој.
Основна задача на Центарот за развој на ИПР јакнење на капацитетите на мрежите во локалната и руралната заедница, бизнис секторот, стимулирање на развојот на локално и регионално ниво, јакнење на принципот на jавно приватно партнерство и делување во насока на подигање на квалитетот на живеење.
Зачувувањето и развивањето на посебниот идентитет на планскиот регион, неговата афирмација и развој е визија и цел на Центарот за развој на Источниот плански регион.
Конкретно, Центарот за развој на ИПР спроведува активности и реализира задачи поврзани со развојните приоритети на планскиот регион согласно програмата и ацкиониот план и ги управува проектите за развој во регионот.
Како центар за развој на ИПР обезбедуваме стручна и техничка помош на општините во подготовката на нивните програми за развој или апликации за добивање на средства од разни програми и фондови,а во нашиот делокруг на работа е и да даваме услуги на здруженија и други заинтересирани страни за подготовка на проекти од областа на регионалниот развој.
Што се однесува до информираноста на граѓаните која е улогата на регионот, сметам дека треба визибилноста да ја подигнеме на повисоко ниво, ако се земат во предвид остварените резултати преку големиот број на реализирани проекти и во наредниот период ќе работиме на тоа.
ПОГЛЕД: Кои значајни проекти реализираше Источно-планскиот регион во изминатиот период, и кои се клучните приоритети за 2025 година?
Во изминатиот период од сите реализирани проекти како позначајни проекти менаџирани од Центарот за развој на ИПР се :
-Поставување на енергетска ефикасност на административна зграда во Општина Виница, истата ја направивме да биде и достапна за сите со тоа што се стави во функција и лифт.
-Реконструкција на Дом на култура Тошо Арсов – Виница, објект од 60-тите години е ставен повторно во функција со можност за Кино проекции.
-Реконструкција, адаптација и комплетно опремување на Дом за стари лица, Берово 4-та ламела, Општина Берово”-за нови 28 корисници. Во рамки на проектот за Домот за стари лица набавивме и моторно возило адаптирано за лица со физички хендикеп, се поставија и автоматски агрегати за непрекинато напојување со електрична енергија и медицинска опрема.
-Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во ИПР, Општините Штип, Карбинци, Кочани, Виница и Македонска Каменица – на 12 јавни објекти се поставени фотоволтаици со цел намалување на трошоците за електрична енергија на овие установи.
-Уредување на рекреативни содржини околу брана во с. Пишица, Општина Пробиштип, туристичка населба Равна Река, Општина Пехчево и итн…
За оваа година предвидени се активности за:
– Уредување на пешачко-велосипедски патеки околу Беровско Езеро и туристичка населвба Абланица кое што ќе го олесни поврзување со туристичките локалитети и во општина Пехчево;
– Преку програмата за прекугранична соработка со Бугарија ќе се реконструира планинарскиот дом Црни Врв во општина Пробиштип кој што се наоѓа во мрежата на пешачко-велосипедските патеки низ Осоговските Планини;
– Втората локација на која ќе работиме со овој проект е во близина на брана Градче со изграба на спортско-рекреативен комплекс со партерно уредување на излетнички елементи
-Реконструкција на дел од сместувачки капацитет Бања Кежовица;
-Реконструкција на куќа, споменик на култура во Штипско Ново Село;
-Преку истата програма општина Македонска Каменица ќе работи на мапирање и трасирање на најдолгата пешачко-велосипедска патека низ Осоговијата во должина од 26 километри на која ќе бидат поставени засолништа за велосипеди, како и општина Карбинци ќе работи на збогатување на потенцијалот околу археолошкиот локалитет Баргала со изградба на рекреативен и образовен комплекс и уредување на дел од речното корито.
-Преку Програмата за рамномерен регионален развој очекуваме да реализираме проект за Унапредување во заштитата на животната средина преку опремување со возила за собирање на смет и за оддржување на јавна хигиена во регионот. Односно предвидена е набавка на специјализирано возило за собирање на смет за Општина Чешиново Облешево и набавка на специјализирано возило за оддржување на јавна хигиена – Општина Штип.
– Се очекува да биде одобен и проект за унапредување на просторните услови и квалитетот на образовниот процес, поточно ќе се работи на реконструкција на основно училиште во Општина Зрновци и образовни установи во руралните средини ќе се опремат со паметни табли и опрема за селекција на отпад.
ПОГЛЕД: Каква е соработката помеѓу планскиот регион и општините, и на кој начин градоначалниците можат да придонесат за поефикасна регионална политика?
Соработката со градочалниците и општинските администрации е беспрекорна, впрочен доказ за тоа се сите реализирани заеднички проекти како и успешно поднесени проектни апликации за одобрување на нови средства за 2025 година.
Градочалниците како членови го сочинуваат Советот за развој на Источниот плански регион, тело кое ги донесува сите значајни програми, планови и приоритети поврзани со развојот на регионот.
ПОГЛЕД: Во која насока треба да се фокусира развојот на регионот – туризам, животна средина, социјални услуги – и кои сектори имаат најголем потенцијал за раст?
Источниот регион треба да тежнее да ги искористи сите потенцијали кои се на располагање, но многу е важно да напоменам дека не можеме да помислиме на одржилив развој без здрава животна средина и заштита на природата, затоа преку иницијатива на Советот за развој на Источен плански регион веќе се прогласени две заштитени подрачја Осогово и Малеш со изработени планови за управување, а дополнително работиме и на збогатување на зелената инфраструктура и подигнување на свеста за значењето на зелената инфраструктура за здрава животна средина за сите генерации.
ПОГЛЕД: Како Источно-планскиот регион може подобро да ја искористи прекуграничната соработка и европските фондови за подобрување на локалната економија и животниот стандард?
Принципот на работа на Центарот е секогаш да биде спремен со проектна документација во секое време, затоа и постојано во комуникација со градоначалниците и претставниците на општините ја повторуваме значајноста на квалитетната техничка документација.
Центарот има солидна база на партнери на кои во секој момент може да се потпре за аплицирање и заедничка имплементација на проекти од сите области.
За веќе подготвените предлог-проекти или изработени проектни документации бараме финансиски средства, следиме и дали има отворени повици за поднесување на предлог-проекти, а што се однесува до дозволените програми за нашиот регион пред сѐ финансирани од ЕУ, уште пред да бидат објавени повиците во Центарот идентификуваме предлог-проекти кои се потребни за нашиот регион, ги разработуваме, подготвуваме комплетно потребна придружна документација и ги спремаме за аплицирање за финансиска поддршка.
Центарот е лидер во реализација на проекти од Програмата за прекугранична соработка, во секој повик има одобрен проект со кој се генерира развој на општините и на регионот во целост.