
Во срцето на Штип, каде што автентичниот вкус и семејната традиција се вредности што траат, веќе 26 години опстојува и расте еден препознатлив бренд – пицерија „Мацо“.
Со Даниел Каров, младиот наследник на сопственикот Мацо, разговаравме за почетоците, предизвиците, тајните на вкусната пица и за тоа како изгледа еден ресторан кога зад себе има четвртина век посветена работа.
МОЈОТ ШТИП: Од каде потекнува идејата за отворање на пицерија „Мацо“ и какви беа почетоците пред 26 години? Што ве мотивираше да започнете токму со ваков тип на ресторан во Штип?
Идејата потекнува од мојот татко, кој го вложи своето долгогодишно искуство во угостителството за да создаде нешто свое – лична приказна која и ден-денес се раскажува преку вкусот на нашите јадења. Талентот што го имаше за подготовка на тесто, заедно со пофалбите од пријателите и познајниците, беа клучните фактори да ја претвори страста во бренд. Почетоците беа тешки – малку ресурси, скепса од околината и предизвици на секој чекор. Но токму тие препреки не’ направија посилни. Со верба, посветеност и многу труд, „Мацо“ денес е дел од штипската гастрономска историја.
МОЈОТ ШТИП: „Мацо“ е веќе препознатлив бренд во градот — како успеавте да изградите доверба и лојалност кај штипјани во текот на сите овие години?
Со искрен пристап кон секој гостин, со континуирана посветеност кон квалитетот на храната, и со макотрпна работа. Секогаш сме се воделе од принципот дека секој што ќе влезе кај нас треба да се чувствува како дома – пречекан со топлина и послужен со срце. Тоа го препознаа и нашите гости, кои ни останаа верни низ годините.
МОЈОТ ШТИП: Иако имате богато мени со различни јадења, зошто токму пицата е ставена во преден план? Што ја прави вашата пица посебна?
Пицата е наш заштитен знак, а тајната лежи во тестото. Сопствената рецептура, создадена и усовршувана со години, ни дава автентичен вкус по кој сме препознатливи. Таа комбинација на традиција и оригиналност не’ издвојува од другите.
МОЈОТ ШТИП: Кои јадења се најбарани од страна на гостите? Што најмногу сакаат да нарачаат штипјани кога ќе седнат во „Мацо“?
Иако нашето мени е богато – со скара, риба, поховани јадења, салати и специјалитети на куќата – пицата и пастрамајлијата остануваат најбараните. Тоа се вкусови кои нашите гости секогаш ги препознаваат и со задоволство ги нарачуваат повторно.
Кој е специјалитетот на куќата со кој најмногу се гордеете — и зошто?
МОЈОТ ШТИП: Пицата е нашето најголемо гордеење – не само поради уникатниот вкус, туку и поради признанијата што сме ги добиле низ годините. Тоа е производ кој носи наша лична приказна, труд и посветеност. Секое парче е направено со внимание, а зад секоја пица стои приказна на истрајност и љубов кон занаетот.
МОЈОТ ШТИП: Ако пицерија „Мацо“ беше личност, како би ја опишале — каков карактер би имала по овие 26 години живот во Штип?
„Мацо“ би била скромна, но горда личност. Љубезна и постојана, со силна волја, чувство за традиција и топлина што ја пренесува на сите околу себе. Би имала карактер на пријател кој никогаш не те изневерува – автентичен, истраен и секогаш подготвен да те пречека со отворено срце и топол оброк.